АКТИВНОСТИ

Работен состанок со Советникот за одбрана на Премиерот на Владата на РМ

На ден 22.02.2018 година со почеток во 11:10 часот во Владата на Република Македонија, Претседателството на Независниот Синдикат на Одбраната одржа работен состанок со Советникот за одбрана на Премиерот на Владата на Република Македонија, господинот Драган Василевски.

Претседателот на НСО, Ванчо Исајов, му се заблагодари на Советникот за издвоеното време за оваа средба на високо ниво и продолжи со претставување на НСО и со нашите цели и задачи за работа. Пред се тој истакна дека со долготрајна и макотрпна работа и покрај многубројните опструкции од одредени структури, ние сепак успеавме да ја стекнеме довербата на околу две илјади членови, кои пристапија во членството на НСО и со тоа, Независниот Синдикат на Одбраната, го исполни законскиот цензус од повеќе од 20% од вработените да се членови на синдикатот за тој да биде репрезентативен на ниво на работодавач.

Потоа Претседателот Исајов му даде збор на Тони Кузманоски, кој ги потенцираше следниве проблеми во АРМ кои би требало час поскоро да бидат решени:

  • Проблемот со редовно одржување и сервисирање на сите технички и материјални средства, снабдување со потрошни средства, како и градежно одржување на објектите во АРМ.
  • Проблемот со немање на греење по касарните во повеќе гарнизони на АРМ.
  • Проблемот со пополнување со стручен медицински и друг специјализиран кадар во АРМ.
  • Проблемот со професионалните војници кои во наредната година ќе наполнат 45 години старост и чиј број е поголем од илјада лица, наеднаш ќе ја оптовари Владата на Р. Македонија со нивно згрижување, според одредбите од Законот за служба во АРМ, член 40а. Некои предлог решенија се: да се одржи курс за подофицери за професионалните војници и голем број од ПФВ да се произведат во подофицери, за пополнување на празните подофицерски места или ПФВ кои се во одредени служби каде работните задачи можат да се извршуваат и со возраст поголема од 45 години, истите да бидат задржани на работа до пензионирање, можност за преземање на ПФВ во Министерството за внатрешни работи.
  • Проблемот со исплаќање на дневници за дежурства, а со тоа намалување на бројот на неискористени слободни денови кои лицата ги имаат одработено, а не се во можност да ги искористат.
  • Измена на “Одлуката за утврдување на должностите во трупа заклучно со Бригада и соодветна единица и одредени должности во команда на Корпус и во воени установи во кои службата се врши под трупни услови” со цел да им се признае правото на трупен додаток и бенифициран работен стаж и за цивилните лица во АРМ.
  • Да се донесат измени во Законот за Служба во АРМ во делот за право на пензионирање на АВЛ со наполнети 40 години работен стаж, како што е случај во Министерството за внатрешни работи.
  • Да се интервенира во делот за покачување на платите кој беше исплатен само за делот од вработените во АРМ, да се исплати и за вработените во Министерството за одбрана.
  • Проблемот со недостиг на униформи и чизми за АРМ.

На крајот на состанокот, беше договорена средба за состанок на Советникот за одбрана на Премиерот со претставниците на НСО за ПФВ и за ЦЛ во наредните 20 дена.