Денес во свечена атмосфера беа отворени шестите синдикални спортски игри на НСО и МО кои ќе се реализираат во период од 22 до 24 септември во хотел Метропол, во Охрид. Членовите, во машка и женска категорија ќе ги одмерат силите во следните спортски дисциплини: мал фудбал, кошарка, одбојка, стрелаштво, пинг-понг, шах, табла, и штафетно трчање. На 23-ти во вторник, победниците свечено ќе бидат прогласени.
Во продолжение говор на претседателот на НСО Маријо Јуришиќ на отварањето на шестите синдикални спортски игри:
„Почитувани гости, почитувани членови на синдикатот, драги колеги и пријатели,
Со особена чест и радост денес ви се обраќам на отворањето на шестите синдикални спортски игри. Ова не е само спортски настан – ова е празник на солидарноста, на пријателството и на синдикалното заедништвото кое го градиме низ годините.
Синдикатот е силен тогаш кога неговите членови се обединети, кога покрај борбата за работничките права умеат да споделат и дружење, радост и спортски дух. Токму тоа ќе го покажеме во деновите што следуваат.
На спортските терени ќе има победници и поразени, но сите заедно ќе бидеме добитници – бидејќи ќе ја зацврстиме нашата меѓусебна доверба, ќе изградиме нови пријателства и ќе испратиме силна порака дека обединети сме посилни..
Сакам искрено да им се заблагодарам на сите учесници за нивната подготвеност и ентузијазам, како и на нашите гости кои денес со своето присуство ни укажуваат голема чест.
По повод синдикалните игри добивме искрени честитки од страна на Претседателката на државата госпоѓа Гордана Силјаноска Давкова која ни посалува успешни игри како и од министерот за одбрана господин Владо Мисајловски..
Драги синдикалци, ви посакувам многу успех, спортска среќа и вистински спортски дух. Нека натпреварите поминат во фер игра, дружење, радост и без повреди.
Почитувани, ги прогласувам шестите синдикалните спортски игри за отворени!“








