НСО – Независениот синдикат на одбраната денеска одржа прес конференција на која јавно ги презентираше своите барања насочени кон унапредување на економската и социјалната положба на припадниците на Министерството за одбрана и Армијата.
Синдикатот бара зголемување на минималните бодови за најмалку 20%, како неопходна мерка за следење на реалниот животен стандард и континуираниот раст на трошоците за живот во државата. Со сегашното ниво на бодови, платите не го следат економското движење и не обезбедуваат достоинствени услови за живот.
Дополнително, НСО предлага ревизија на бодовниот систем на квартално ниво, со цел платите автоматски да се усогласуваат со релевантните економски индикатори, меѓу кои инфлацијата, растот на платата во Македонија и другите показатели кои директно влијаат врз куповната моќ на вработените. Ваквиот модел би обезбедил транспарентност, предвидливост и правична распределба на примањата.
Посебен акцент на прес конференцијата беше ставен на прашањето за статусот на професионалните војници. НСО бара да се овозможи останување во служба до остварување на правото на пензија, како реална и достоинствена опција за професионалните војници кои тоа го сакаат и ги исполнуваат потребните услови.
Притоа, синдикатот потенцира дека досегашното решение за заминување со 45 години возраст треба да остане како можност по избор, а не како задолжителна опција, со што ќе се задржи професионалниот и искусен кадар во Армијата.
НСО очекува надлежните институции сериозно и одговорно да пристапат кон овие барања и да започнат конструктивен социјален дијалог, во интерес на стабилен и функционален одбранбен систем.
НСО – Независниот синдикат на одбраната ќе продолжи да ги користи сите легитимни синдикални механизми за заштита на правата и достоинството на своите членови и сите вработени во Министерството за одбрана и Армијата
Повеќе на следниот линк:


