Делегација на Независниот синдикат на одбраната (НСО) оствари работна средба со министерот за одбрана, на која беа презентирани приоритетните барања на вработените во системот на одбраната. На состанокот детално беа разгледани повеќе теми од клучно значење за стандардот, работните услови и правата на вработените.
1. Зголемување на вредноста на бодот за минималната плата и ревидирање на правилници
НСО побара зголемување на вредноста на бодот за минималната плата за 20%, со оглед на значителниот раст на трошоците за живот во последните две години и фактот дека платите во одбраната не се зголемени во овој период. Министерството информираше дека во Буџетот за оваа и наредната година не се предвидени средства за покачување на платите.
Дополнително, беше побарано ревидирање на правилникот за бодови за посебни специјалности, со цел правично вреднување на специфичните работни места. Министерството најави дека синдикатот ќе биде вклучен во процесот на ревидирање.
2. Решавање на статусот на ПФВ
НСО побара регулирање на статусот на ПФВ до пензионирање со задржување на постојното решение за престанок на работен однос на 45-годишна возраст. Министерството нема позитивен став за ова барање, но информираше дека постои изготвен писмен план и анализа кои дополнително ќе бидат доставени до НСО.
3. Надомест за патни трошоци
Беше побарано уредување на патните трошоци за сите кои живеат на растојание поголемо од 2,5 км од организираниот превоз, преку фер систем на пресметка по поминат километар. НСО ќе биде вклучен во изработката на овој документ.
4. Бенифициран стаж
НСО ја истакна потребата за целосно регулирање на бенифицираниот стаж за сите лица во Министерството. Министерството информираше дека веќе се упатени повеќе ургенции и дека средствата за бенифиции се уплаќаат редовно за сите цивилни лица во МО.
5. Исплата на заостанати обврски
Министерството потврди дека ќе бидат исплатени најдоцна до 22 декември:
Заостанати спогодбени барања за прекувремена работа за 2019, 2020 и 2021 година.
Регрес за годишен одмор.
Неисплатени јубилејни награди.
6. Инвестирање и подобрување на условите за работа
НСО побара итно реновирање на објектите во касарните и другите објекти под надлежност на МО и Армијата со цел подобрување на условите за работа. Министерот информираше дека е набавена нова униформа и дека питомците и декларираните единици се веќе опремени. Реновирањето продолжува постапно, а следната година се планира значително зголемување на инвестициите.
7. Редовна комуникација
Договорено е одржување редовни состаноци на секои три месеци, а по потреба и почесто, за навремено решавање на отворените прашања.
Останати информации
Министерот побара да не се злоупотребува боледувањето за што НСО веќе во повеќе наврати апелира до членовите за подигање на свеста по ова прашање.
НСО продолжува со активностите за зголемување на стандардот на вработените, вклучително и доставување на барања до:
- Претседателката на државата,
- Председателот на Собранието,
- Комисијата за одбрана и безбедност,
- Премиерот на Владата,
Информирање на ЕУРОМИЛ каде НСО е полноправна членка за намалувањето на стандардот на вработените во одбраната и Армијата, кој трае веќе две години, во период кога НАТО и европските партнери го зголемуваат вложувањето во човечкиот капитал поради зголемените безбедносни закани.
НСО останува целосно посветен на заштита на правата, достоинството и стандардот на вработените и ќе продолжи активно да учествува во сите процеси за подобрување на условите во системот на одбраната.

